Блог

Подобрувачи на вискозноста во моторните масла

Подобрувачите на вискозност ( VI improvers) се полимери составени од долги јаглеводородни низи, кои имаат висока молекулска маса. Тие функционираат така што ја зголемуваат релативната вискозност на моторното масло повеќе на високи температури него ли на ниски температури. Ваквото нивно однесување се должи на промената на физичката конфигурација на полимерот со повишување на температурата на моторното масло.

На ниски температури тие се згужвани т.е. склопчени, со што го минимизираат нивниот ефект врз вискозноста на моторното масло. При високи температури на моторното масло тие се рашируваат, така што интеракцијата на долгите низи на молекули и самото базно масло, даваат згуснувачки ефект на смесата. На слика 1 е претставен процесот на отварање на молекулските полимери со постепено зголемување на температурата.

Слика 1

Најчести полимери кои се користат во оваа цел се: метаакрилатни полимери и кополимери, акрилатни полимери, олефински полимери и кополимери, и стирен-бутадиен/стирен-изопрен кополимери.

Секако дека овие молекули во моторното масло, несомнено се подложни на деградација. Деградационите процеси се должат на молекулската конфигурација, која при функционирањето на самото моторно масло, при одредени услови станува нестабилна, и погодна за делење на молекуските низи. Ова т.н. стрижење (делење) на молекулите се случува по 2 механизми: привремен и перманентен.

Во случај на привремен механизам на стрижење на молекулите се јавува при одредени услови, при што резултира со привремена промена т.е. намалување на вискозноста на моторното маслото. Ова се случува кога полимерите се изложени на умерен стрес, при што самите се подредуваат во насока на стресот. По промена на условите т.е. менување на насока или исчезнување на стресот, тие се враќаат во првобитната состојба.

Во случај на перманентен механизам на стрижење на молекулите доаѓа до нивна деградација, т.е разложување на молекули со помала молекулска маса. Крајниот резултат е перманентно намалување на вискозноста на моторното масло.