Блог

Основни составни делови на мотори со внатрешно согорување

Моторите со внатрешно согорување (МВС), се сложени конструкторски дела, со голем број на делови кои во целина ја извршуваат поставената намена на истите. Бројот на делови кои го сочинуваат МВС во зависност од неговата намена т.е. потреба е различен, но може понекогаш да достигне и до 1000.

Деловите на МВС кои се сметаат за основни можеме да ги поделиме во три групи и тоа:
1. Основни неподвижни
2. Основни подвижни
3. Помошни системи

По дефиниција, циклусот на работата на МВС ја извршуваат подвижните делови, кои се сметени во внатрешноста на неподвижните делови на МВС.

Во неподвижни делови на МВС спаѓаат:
1. Блокот на цилиндри (тело со цилиндри)
2. Цилиндарска глава
3. Корито на моторот (картер).

Блокот на цилиндрите е делот во кој се остварува движењето на клиповите и во чиј работен волумен се извршува термодинамичкиот процес на самиот МВС. Согорувањето на горивото се одвива во работниот волумен, во овој процес на согорување се остваруваат високи температури.
Остварената топлина од процесот на согорување која се одава на деловите на МВС и се одведува со помош на воздух или разладна течност, со крајна цел да не дојде до прегревање на моторот.
Цилиндарската глава го затвора блокот од горната страна. Во главата се сместени свеќичките, прскалките, вентилите и итн. Овој дел од МВС исто така мора да се лади.
Картерот го затвора МВС од долната страна. Тој има функција да го заптива МВС и да биде резервоар за масло.
Картерот е најчесто изработен од пресован челичен лим, а во поново време и од одлеанок/отпресок од алуминиумска легура и истиот се поврзува т.е. прицврстува за блокот. Помеѓу овие два дела се поставува затинката (дихтунгот) која е изработена од плута (потврда хартија) или со помош на силикон. Прицврстувањето на картерот со блокот се остварува со помош на завртки. Завртките се притегнуваат рамномерно унакрсно, со цел да се оствари непропустливост во врската остварена помеѓу блокот, дихтунот и картерот. Потребата од остварување на непропусливост во врската е со цел да не дојде до губење на моторното масло.
Надворешната површина на картерот е во вид на ребра со што се овозможува подобро ладење на моторното масло. Во внатрешноста на картерот има прегради, кои го спречуваат движењето на моторното масло напред- назад, т.е го одржуваат нивото на масло да биде со константа висина. Ова е неопходно со цел правилно работење на пумпата за циркулација на моторното масло низ системот за подмачкување на МВС.

Нивото на моторното масло во картерот се регулира со ниво покажувачка прачката за масло, на која постојат две хоризонтални цртки (min. и max.) на долниот дел од истата. Долната црта го покажува потребното минимално количество на моторно масло (min), додека пак горната црта го покажува маскималното количество на моторно масло (max).
Притоа секогаш нивото на моторно масло треба да се има тенденција да биде на средина на ниво покажувачката прачка, т.е помеѓу двете цртки (min/max).

Најнискиот дел на коритото за моторно масло се нарекува сливник. На самиот сливник е вградена завртката од која се испушта моторното масло и истата е намагнетизирана, и има задача да ги привлекува металните честички од моторното масло, кои не треба да навлезат во системот за подмачкување.
Делот пак преку кој се испуштаат гасовите и пареите, се нарекува издишник, и истиот е составен дел од картерот.